Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски побара побрза акција од европските институции за решавање на проблемот со престојот на превозниците во Шенген зоната.
Според него не е доволно само да се дебатира на темата, ако не се најде конкретно решение.
Учествувајќи на панел во рамките на швајцарско-македонскиот бизнис-форум што го организира „Свис чем“, Николоски во однос на билатералните договори како решение за превозниците ја посочи Швајцарија и изрази надеж дека нејзиниот пример ќе го следат и другите земји членки на шенген-зоната.
– Ние можеме да имаме одлични конференции, да си муабетиме, но ако потоа останеме затворени, беспредметен е секој разговор – оцени Николоски.
Според него, голем број од домашните превозници се соочуваат со сериозни проблеми бидејќи во шенген-зоната се водат како туристи и не може да имаат престој повеќе од 90 во рамките на 180 дена.
– Ние се обидувавме да најдеме заедничко решение како земја од Западен Балкан заедно со шенген-зоната, но, за жал, нема финално решение од страна на ЕУ. Би рекол дека изостанува организиран пристап. Успеавме да направиме две работи, првата е во новата визна стратегија на шенген-зоната возачите да бидат препознаени како професионалци, да ги тргнеме од делот на туристите, и втората се билатералните договори со земјите од шенген-зоната – начин со кој се решава проблемот со билатерални визи, кои би биле долгорочни работни визи. Швајцарија тука беше прва, за што се заблагодарувам. Почна да издава вакви работни визи за возачите и се надевам дека тоа ќе биде пример што ќе го следат и другите земји членки на шенген-зоната – истакна Николоски.
Вицепремиерот во овој контекст се осврна и на конкурентноста.
– Да не зборувам во делот на конкурентноста колку е поевтино стоката што се произведува тука да биде извезена до крајната дестинација од домашен превозник, а колку е поскапо странски превозник да дојде, да ја земе, па да ја однесе таму каде што треба. Ова е навистина голем, голем предизвик за ние да зборуваме за проширување на граничните премини – потенцира Николоски.
