Преку јавна седница на која детално ќе биде разгледан извештајот од ЕУ по оценската мисија ќе се решаваат наталожените проблеми во Судскиот совет.

Ова го вели претседателот на Судскиот совет, Сашо Георгиев според кој во извештајот е нотирано дека станува збор за стари и наталожени проблеми со кои се соочува Советот, но ќе се обиде да ги реши. Тоа што работата на Судскиот совет се сведува на избор и унапредување на судии без да се образложат одлуките се рефлектира врз довербата, сметаат од Коалицијата за правично судење…

Препораките на Оценската комисија ќе ги разгледа Судскиот совет на итна јавна седница, потврди претседателот на ова тело, Сашо Георгиев. Тој вели во извештајот е нотирано оти станува збор за стари и наталожени проблеми со кои се соочува Советот, но ќе се обиде да ги реши.

– Можам да кажам дека извештајот е даден со препораки за краток, среден и некој подолг временски период, каде што некои детектирани состојби би требало да се со законски измени регулираат. Има еден дел од тоа што начелно видовме и од тоа што слушаме од медиумите, би требало согласно законот да се имплементираат и да се постапува, вели Георгиев.

Тоа што работата на Судскиот совет се сведува на избор и унапредување на судии без да се образложат одлуките се рефлектира врз довербата, сметаат од Коалицијата за правично судење. Оттаму велат и дека Советот не покажал проактивност за актуелните состојби.

Шефот на државата Пендаровски, смета дека ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, и на тој начин се избегнува одговорноста. Тој потсети дека третина од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, а четвртина влегле во коруптивна трансакција на пари, врски и влијание.

Евроамбасадорот Гир, пак, проблемот го лоцира во неуспешните или полузавршени реформи кои креираат лоша слика за системот. Потсети дека борбата против корупцијата и владеење на правото се клучни за евроинтеграциите.

Од 40 препораки за реформа кои стигнаа на адреса на македонското судство, за имплементација на 23 се потребни уставни или законски интервенции, додека 17 може Судскиот совет да ги спроведе во разумни рокови.