Активноста ќе се одржи на покана на Србија на полигонот Боровац

Командата на здружените сили на НАТО во Неапол соопшти дека во мај ќе се одржи заедничка воена вежба со српската армија.

Информацијата беше објавена на профилот на Командата на социјалната мрежа X, каде се наведува дека активноста ќе се реализира на покана на Србија.

„Ја поздравуваме можноста српскиот и сојузничкиот воен персонал да тренира заедно во Србија овој мај. Вежбата ќе се одржи на воениот полигон Боровац во Србија, што српските вооружени сили интензивно го користат за подготовка на единици за меѓународни мисии, вклучително и мировни операции на ОН. Таа активност ќе се спроведе на покана на Србија и со целосно почитување на нејзината декларирана политика на воена неутралност“, објави Командата.

Средба во Белград меѓу воени претставници

Командантот на Командата на здружените сили во Неапол, Џорџ Викоф, во петокот престојуваше во Белград, каде се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм напиша дека имал „значаен состанок“ со Викоф, на кој се разговарало за зајакнување на соработката со НАТО, но и за зачувување на воената неутралност на Србија.