ДПА јави дека ова се случило на судско рочиште по жалбата на Навални против паричната казна што му ја изрече судот за клевета на ветеран од Втората светска војна.

– Голиот цар сака да владее до крај. Тој се залепил за владеењето, рече Навални.

Тој присуствува на судењето од казнената колонија преку видео конференција. Опозиционерот предупреди дека доколку Путин продолжи да владее, тоа ќе биде уште една украдена декада за Русите, што ќе се додаде на веќе изгубената декада.

– Сакам да му кажам на чесниот суд дека вашиот крал е гол. И не е само едно мало момче кое вика: Тој е гол. Дваесет години неспособно владеење доведоа до овој резултат… Постојат тони лаги на телевизија. И, се разбира, има огромно лично богатство, рече Навални, правејќи паралела со бајката „Царевото ново руво”.

На судското рочиште тој изгледаше многу слаб од штрајкот со глад, кој неодамна го најави и кој неодамна го заврши. Еден од неговите адвокати денеска кажа дека од 94 килограми ослабел на 72 килограми.

Самиот Навални во аудио запис емитуван од независната телевизија Дожд рече: Ме одведоа вчера во тоалетот. Имаше огледало и се погледнав. Изгледам како ужасен скелет.