Шеќерите, алкохолот и масната храна можат да влијаат врз меморијата и концентрацијата
Кога станува збор за здравјето на мозокот, многумина најчесто помислуваат на крстозбори, судоку или други ментални вежби. Но експертите предупредуваат дека секојдневната исхрана има огромно влијание врз меморијата, концентрацијата и когнитивните способности.
Невролози и невронаучници издвоиле неколку популарни намирници и пијалоци што и самите ги избегнуваат, бидејќи можат негативно да влијаат врз мозокот и нервниот систем.
Меѓу нив се газираните пијалоци, помфритот, маргаринот, пивото, одредени протеински прашоци и безкофеинското кафе произведено со хемиски растворувачи.
Невронаучникот Фридерике Фабритиус предупредува дека многу протеински прашоци содржат вештачки засладувачи кои можат да го нарушат цревниот микробиом.
„Овие адитиви се она што ме прави претпазлив кон протеинските прашоци бидејќи го нарушуваат цревниот микробиом“, изјави Фабритиус за HuffPost.
Таа објаснува дека здравиот микробиом е важен за мозокот бидејќи голем дел од невротрансмитерите се создаваат токму во цревата.
Неврологот д-р Шахин Лакан вели дека газираните пијалоци се меѓу најлошите производи за здравјето на мозокот.
„Газираните пијалоци се меѓу најлошите намирници за здравјето на мозокот поради нивната висока концентрација на едноставни шеќери кои ги оштетуваат крвните садови што го снабдуваат мозокот“, рече тој.
Според него, честата консумација на шеќер може да доведе до воспаленија, нарушувања на спиењето, раздразливост, но и до зголемен ризик од деменција и мозочен удар.
Невролозите советуваат умереност и внимателен избор на производи
Неврологот д-р Шеј Дата советува внимателност со маргаринот и производите што содржат транс масти.
„Често слушаме дека транс мастите се лоши за срцето и крвните садови. Истото важи и за крвните садови во мозокот“, рече таа.
Таа посочува дека истражувања покажале поврзаност меѓу одредени транс масти и поголем ризик од деменција кај постарите лица.
Како поздрава алтернатива ги препорачува маслиновото масло и вистинскиот путер.
Неврологот д-р Бајран Хо предупредува и на негативното влијание на алкохолот.
„Алкохолот е невротоксин кој може да го оштети и централниот и периферниот нервен систем, дури и кога се консумира во умерени количини“, вели Хо.
Според експертите, помфритот и масната храна исто така можат да ги оштетат крвните садови што го снабдуваат мозокот.
Неврологот д-р Педрам Наваб објаснува дека таквата исхрана може да предизвика оштетување на невроните во делот од мозокот поврзан со учењето и меморијата.
Предупредувања има и за безкофеинското кафе, особено ако во процесот на производство се користени хемиски растворувачи.
Експертите сепак нагласуваат дека клучот е умереноста. Повременото консумирање на овие намирници нема сериозно да му наштети на мозокот, но редовната и прекумерна употреба може негативно да влијае врз когнитивното здравје.
