Повеќе од 12.000 луѓе за еден ден се потпишаа на онлајн петицијата со која се бара повлекување на новите дресови на македонската фудбалска репрезентација и враќање на стариот црвено-жолто со македонското знаме.

Петицијата насловена „Македонија на ЕП во старите дресови!“ осамна на интернет откако ФФМ вчера ги претстави новите дресови за дебитантскиот настап на македонските фудбалери на Еуро 2020, предизвикувајќи поделени реакции во јавноста. Критики особено предизвика повлекувањето на традиционалниот црвено-жолт дрес и негова замена со редизајн во бордо боја.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) засега нема официјална реакција на иницијативата за повлекување на новите дресови во бордо, бело-жолта и црно – портокалова комбинација дизајнирани од германскиот производител на спортска опрема „Јако“.

На својот официјален сајт, „Јако“ синоќа објави дека новите македонски дресови веќе можат да се купат во Германија во специјализирани продавници за спортска опрема.

Репрезентативниот дрес на Македонија 🇲🇰 за UEFA EURO 2020

#НапредМакедонија | #ОдимеНаЕвропско | #TeamMacedonia

Posted by Фудбалска Репрезентација на Македонија on Friday, May 28, 2021

– Го имавме можеби најубавиот дрес што го имаше која било фудбалска репрезентација! Наместо да играат во оној дрес што донесе радост и победа, за кој целиот фудбалски свет рече дека е уникатен и убав, стручњаците од ФФМ решија да направат нов дрес кој не ја препознава препознатливата црвено-жолта боја и личи на дресот на Летонија, стои во петицијата со која се бара повлекување на новиот и враќање на стариот дрес.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој деновиве треба да му се приклучи на националниот тим на подготовките во Скопје, синоќа на својот Инстаграм профил објави фотографија на која позира со црвено-жолтиот дрес во кој го постигна победоносниот гол против Грузија во баражот за пласман на претстојното Европско првенство.