Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, изјави дека не чувствува морална одговорност за состојбата со водата во градот, откако беше прогласена епидемија поради проблемите со водоснабдувањето.

На прес-конференција, Лимани посочи дека директорката на ЈП „Комуналец“, заедно со уште неколку лица одговорни за градскиот водовод, се суспендирани. Тој ги повика надлежните институции да ја завршат истрагата објективно и порача дека локалната самоуправа ќе соработува до целосно расчистување на случајот и надминување на состојбата.

Градоначалникот нагласи дека не сака никој однапред да биде прогласен за виновен.

„Јавното претпријатие е правно лице кое менаџира и работи во овој сегмент. Граѓаните на Гостивар знаат дека доколку ситуацијата беше поинаква, првата оставка ќе беше од мене“, рече Лимани.

Тој потврди дека постои проблем со квалитетот на водата, но додаде дека редовно се вршат контроли од страна на Институтот за јавно здравје.

Лимани информираше дека локалната самоуправа ќе објави телефонски број преку кој граѓаните што не се во можност да обезбедат вода за пиење ќе можат да побараат таа да им биде доставена поблиску до нивните домови.

Воедно, тој изрази благодарност до компаниите и поединците кои во изминатите денови се ангажирале за да помогнат во надминување на недостигот на вода за пиење.