Животниот и професионален пат на Ана Дурловски претставува приказна за оперска уметница чија вредност надминува само аплаузи на престижните светски оперски сцени. Станува збор за уметница од Македонија која со талент, огромна посветеност, силна дисциплина и истрајност успеа да изгради меѓународна кариера, освојувајќи ги европските оперски куќи, но истовремено соочувајќи се со тешки животни и семејни предизвици.
Нејзиниот пат бележи неколку значајни поглавја, почнувајќи од музичкото образование во Штип и Скопје, преку усовршувањето во Виена и првите професионални чекори, па сè до светската кариера и животот во Германија. Во нејзината кариера се вткаени партнерството и љубовта со оперскиот пејач Игор Дурловски, семејните предизвици, сложениот и тежок период по собраниските настани од 27 април 2017 година, враќањето кон вообичаениот ритам на живот и повторното поврзување со домашната македонска публика.
Дурловски зад себе има настапи во Виенската државна опера, Метрополитен во Њујорк, Бајројт и водечките театри низ Европа, изведувајќи ја повеќе од 250 пати улогата на Кралицата на ноќта. За своите изведби таа ја доби германската театарска награда „DER FAUST“ и ја понесе титулата Национален уметник на Македонија. Сепак, паралелно со кариерата, таа и нејзиниот сопруг ги воспитуваат своите три деца и редовно се враќаат на домашната сцена.
Оперската пејачка го споредува сопствениот пат со сцената од делото „Пелеас и Мелисанда“ на Дебиси, каде ликот Аркел набљудува темното и мирно море со далечни светла на хоризонтот, симболизирајќи неизвесност, надеж и спокој.
Во пресрет на големиот заеднички концерт со нејзиниот сопруг насловен „Завет“, кој е закажан за 6 декември во салата „Јане Сандански“, таа гостуваше во поткастот „Ништо лично“ кај новинарот Антонио Димитриевски, каде отворено говореше за животните пресвртници и за изборот на нејзините деца да не тргнат по музичките води на родителите.
„Не жалам што децата не избраа да се во нашите води, зашто не е лесно… Не е лесно ни да се носи товарот на славата и успехот на родителите, зашто секогаш има две опции: Или ќе ти речат дека си успеал токму заради родителите или ќе ти речат дека не те бива, далеку си од татко ти и мајка ти“, порача Дурловски.
