Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека не е реалистично пред избори да се очекува нов тендер за хидроелектраната „Чебрен“, а исто така и големите инвеститури сигурно би чекале почиста ситуација. Тој ова го истакна денес на брифинг во Министерството за финансии одговарајќи на прашање на новинарите.
Во однос на дилемите дали да се гради со сопствени средства или преку доделување концесија на странски инвеститор, Бесими рече дека за двете ситуации има аргументи и за и против.
Во однос, пак на дилемите кои беа присутни во јавноста дека ќе се изгуби енергетската самостојност, Бесими рече дека националниот интерес е јасно определен во Уставот и во законите и дека не треба да стравуваме од странски инвеститори.
„Во нашите закони е јасно што е национален интерес. Битно е да се реализира тој проект“, рече Бесими додавајќи дека пред 20 години и денес енергетиката е различна од геостратегиски интерес, а за 20 години ќе биде уште поразлична имајќи ги предвид технолошките промени.