Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, зборуваше и за случаите поврзани со компаниите за брзи кредити, по информациите од граѓаните дека биле испраќани лица и агенции за вознемирување и рекетирање.

Тошковски истакна дека криминалните активности поврзани со брзите кредити можат да бидат предмет на кривично-правна постапка и дека МВР веќе има постапувано во конкретен случај.

„Покажавме дека оние криминали што ги правеле со брзите кредити може да бидат предмет на една кривично-правна разрешница во изминатата година. Тука решивме една добра организирана криминална група. Беа опфатени 50 оштетени лица“, изјави Тошковски.

Според него, институциите ќе продолжат да ги проверуваат ваквите случаи и не ја исклучува можноста за разбивање на нови организирани криминални групи поврзани со незаконски активности околу брзите кредити.

„Не гледам причина зошто во иднина не би разбиле уште една таква криминална група за брзи кредити која работи на штета на македонските граѓани“, рече министерот.

Тошковски упати и апел до граѓаните кои се соочуваат со вакви практики да ги пријават случаите во полиција.

„Би замолил до граѓаните да пријават до најблиската полициска станица, за МВР да ги провери сите оние наводи што се во негова надлежност“, порача тој.

Министерот посочи дека пријавувањето на ваквите случаи е важно за институциите да можат да ги проверуваат наводите и, доколку се утврдат елементи на кривични дела, да преземат соодветни мерки.

Тошковски додаде дека МВР ќе продолжи со постапувањето против организирани криминални структури кои ги оштетуваат граѓаните, вклучително и во случаи поврзани со компаниите за брзи кредити.