Оваа година заклучно со денешниот ден се загубени 85 човечки животи, што претставува драстично помала бројка во споредба со претходниот период. Ова го истакна Тошковски за време на своето обраќање на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, оценувајќи дека е постигнат значителен напредок во безбедноста на патиштата, но и дека институционалната битка за намалување на жртвите сè уште не е целосно добиена.

Тошковски нагласи дека не може да се согласи со оценките дека проблемот со безбедноста во сообраќајот е конечно решен, иако постигнатите резултати покажуваат евидентен напредок во споредба со минатите години.

„Ако минатата година заклучно со завршувањето на месец ноември сме имале 129 човечки животи загубено низ улиците во Македонија. Оваа година таа бројка е многу помала. Заклучно со денес имаме загубено повторно многу човечки животи, но драстично помалку од претходно, до денес имаме загубено 85 човечки животи“, истакна Тошковски.

Според неговите зборови, системот „Безбеден град“ веќе дава конкретни резултати на терен, при што најголемата потврда за успешноста на преземените мерки не се статистичките показатели и признанијата, туку спасените животи на граѓаните.

Тој притоа посочи дека во просек во изминатите три и пол децении во државата годишно гинеле околу 150 лица во сообраќајни незгоди, нагласувајќи дека безбедноста на патиштата мора постојано да остане еден од највисоките државни и институционални приоритети.

„Во војната 2001 имаме загубено драстично помалку отколку што губиме секоја година. Отприлика негде на пола е бројката на луѓе коишто сме ги загубиле во војната во споредба со бројката на луѓе коишто ги губиме секоја година на улиците низ Македонија. Така да, самото тоа говори за колку е важно сите ние заедно да се посветиме на подобрување на условите во сообраќајот“, нагласи Тошковски.

Тошковски дополни дека безбедноста во сообраќајот повеќе од две децении претставува едно од суштинските прашања за сите граѓани и изрази силно уверување дека во иднина оваа тема ќе биде препознавана исклучиво по позитивни резултати, а не по трагични статистики.

На конференцијата се обрати и претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, кој нагласи дека крајната цел на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот е до 2030 година бројот на загинати и тешко повредени лица на патиштата да се намали за најмалку 50 проценти.

Тој истакна дека секоја поединечна сообраќајна несреќа зад себе остава длабоки трагедии и токму затоа сообраќајната безбедност мора да биде клучен елемент при просторното и инфраструктурното планирање.

„Кога зборуваме за загинати и повредени во сообраќајот, зборуваме за нечие дете, за нечиј родител, за нечиј близок. Затоа целта да го намалиме бројот на загинати и тешко повредени лица за најмалку 50 проценти до 2030 година мора да стане обврска што секојдневно ќе ја претвораме во дела“, нагласи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски потсети дека со програмата е предвиден темелен редизајн на 50 критични крстосници и улици според највисоките европски стандарди, со јасно зацртана цел за нула смртни случаи во главниот град до 2030 година.

Тој исто така го поздрави спроведувањето на проектот „Безбеден град“, нагласувајќи дека воведувањето современи технолошки решенија значително придонесува за воспоставување сообраќаен ред и строго почитување на законите.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Ангеловски, истакна дека оваа област не претставува само институционална надлежност, туку заедничка одговорност на државните органи, локалната власт, образованието, полицијата и секој граѓанин.

Ангеловски констатираше дека во текот на годината е забележано видно подобрување на состојбите, пред сè по имплементацијата на „Безбеден град“, но предупреди дека се неопходни континуирани системски мерки за трајни ефекти.

„Само преку координиран и системски пристап можеме да обезбедиме трајни резултати и да создадеме побезбедна сообраќајна средина за сегашните и идните генерации“, нагласи Ангеловски.

Тој појасни дека новата Национална стратегија 2026-2030 утврдува прецизни задачи за локалните самоуправи во поглед на сообраќајното уредување, едукативните процеси и заштитата на најранливите учесници на патиштата.

Во рамки на стручниот собир беа опфатени и други значајни аспекти, како што се статистичката анализа на незгодите по општини, влијанието на светлосната и вертикалната сигнализација, измените во сообраќајните правилници и унапредувањето на безбедносниот менаџмент на локално ниво.

Настанот беше заокружен со детално претставување на целите и мерките од Националната стратегија 2026-2030, проследено со панел-дискусија за практичните механизми за намалување на сообраќајните несреќи.