Обвинувањата на Бујар Османи дека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е албанофоб, предизвикаа остра реакција од партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека не се против Албанците, туку против политиките на ДУИ, обвинувајќи ја оваа партија дека не си го сака сопствениот народ и дека предизборно шири етнонационализам.

„Премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ниту мразат некого, ниту пак се албанофоби. Тоа можат единствено да бидат тие од ДУИ, кои по се изгледа не си го сакаат народот“, соопштија од партијата.

Од таму потсетуваат на „капитулантските договори“ со Бугарија и Грција, гласањето за промена на името и Уставот, како и на „министерските фудбалчиња“ и купувањето молови и банки од „млади момчиња“. Дополнително, наведуваат дека во бројни општини со албанско мнозинство – Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Липково, Пласница, Струга, Теарце и Сарај – жителите сè уште немаат основни услови за живот.

„Доколку Османи и ДУИ си го сакаат народот, како што велат, немаше низ Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Липково, Пласница, Струга, Теарце, Сарај, жителите да газат низ кал, да нема водовод, канализација, основни човекови услови за живот. Сметаме дека Османи и ДУИ, пред да излезат да говорат беседи пред јавноста, треба прво самите да се погледнат во огледало“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, актуелните изјави се обид да се „покрие дебаклот“ што, како што велат, им претстои на ДУИ на локалните избори.

Обвинувањата кон Мицкоски ги изнесе кандидатот за градоначалник на Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), кој на прес-конференција го промовираше механизмот „Граѓанско око“ за борба против корупцијата.

„Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец. Кога патува надвор од државата, не зема Албанци. Го укинува ‘балансерот’ зашто сака да ги тргне од институциите. Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите. Тоа е посилно од него“, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање за дел од синоќешниот говор на Мицкоски.

Тој реагираше на изјавата на премиерот, дадена на митинг, во која Мицкоски порача дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, „по локалните избори ќе оди во политичка пензија“.

ДУИ пак смета дека оваа изјава е дел од стратегија насочена не само против нив, туку и против Албанците во целина.

„Само пред неколку дена, тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци: Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување“, соопштија од ДУИ.