Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека одлуката на Советот на Европа за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија е дополнителен аргумент за укинување на техничката влада. Според него, оваа одлука потврдува дека земјава е „зрела демократија“.

Мицкоски порача дека СДСМ не треба тој да ги убедува во оваа насока. Како што рече, одлуката од Стразбур е доволен показател за состојбата на демократијата во државата.

– Не треба јас да ги убедувам. Ќе ви кажам две работи. Прво, ги убеди Стразбур вчера со укинување на постмониторингот. Јас не треба да ги убедувам. Еве ако не му веруваат на Христијан, нека читаат што пишува во извештајот – рече Мицкоски.

Тој додаде дека дури и да остане техничка влада на следните избори, тоа не претставува проблем за него. Како што истакна, подготвен е повторно да поднесе оставка пред редовните избори во 2028 година.

– Ако имаме редовни избори во 2028 година, јас ќе дадам оставка во јануари 2028 година. Само да им удоволиме на следните избори да има техничка влада. Па тие нека повелат, нека се организираат, нека победат и потоа на тие некои следни избори нема да има техничка влада – изјави премиерот.

Мицкоски нагласи дека нема што повеќе да направи за опозицијата. Според него, одговорноста за изборниот резултат е кај самите партии.

– Јас стварно не знам што да направам повеќе. Јас не можам место нив да победувам на избори – рече Мицкоски по промоцијата на програмските приоритети на „Еразмус+“ за 2026 година.

СДСМ, од друга страна, се противи на укинување на техничката влада. Од партијата наведуваат дека немаат доверба во актуелната Влада и тврдат дека институциите се злоупотребуваат во изборниот процес.

Во однос на Изборниот законик, Мицкоски истакна дека обврските од Планот за раст предвидуваат примена на препораките од набљудувачката мисија за изборите во 2024 година.

– Од Планот за раст кој што го имаме пред нас, чекорот вели да бидат применети препораките од страна на набљудувачката мисија за време на изборите во 2024 година – рече тој.

Премиерот додаде дека соработката со коалицискиот партнер ВРЕДИ е на високо и партнерско ниво во рамки на Владата.