На археолошкиот локалитет Расница, с. Корошишта – струшко, деновиве беа презентирани најновите ексклузивни наоди од истражувањата на архајската некропола – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, кое според првичните согледувања е постаро од исклучителното откритие направено на истиот локалитет во 2024 година.

Во Наткаст на КУРИР, новинарот Љупчо Цветановски ја коментираше оваа тема со својот гостин, пратеникот Јован Јаулески, давајќи коментар „Газиме, буквално кажано, врз историја“.

Јаулески потсети дека ова не е поединечен случај.

-Пред две години, во близина на тој локалитет, исто беше пронајдена некропола археолошко наоѓалиште, сега беше пронајден војнички гроб со многу богати археолошки наоѓалишта, златна маска, оружје, останати предмети кои докажуваат дека Македонија има културна и длабока историска цивилизација, буквално, како што кажавте, газиме врз историја. Кога беше објавена оваа вест, самиот си го поставив прашањето: „Зарем е можно да газиме врз историја, а во XXI век ние да треба да им докажуваме на соседите дека имаме право да говориме на нашиот јазик, да се докажуваме кои сме, зошто зборуваме на македонски, а буквално целата земја ни гази на историја“, рече Јаулески.

Пратеникот истакна дека тоа не е така само во Струга туку и низ сите делови на Македонија.

-Ние не бараме од другите да не ја пишуваат нивната историја. Бугарите нека си ја пишуваат нивната историја, не бараме од Грците, Србите, Албанците да не се изјаснуваат тоа што се, но не можеме да дозволиме и ние некој друг да ни кажува што сме, кои сме, која е нашата култура и нашата историја, затоа што секојдневно, преку археолошките наоѓалишта, преку културата, преку музеите, преку историјата на овој простор се докажува дека имаме една многу длабока историска и културна цивилизација, посочи Јаулески.

Извор: Курир