Германскиот канцелар Фридрих Мерц го одложи најавениот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој требаше да се одржи по повод годишнината од нападите во САД на 11 септември. Германската влада не ја соопшти причината за одложувањето, а нов датум засега не е определен. Потегот доаѓа откако Трамп позитивно реагираше на големата победа на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) во Саксонија-Анхалт.

Портпаролот на германската влада само потврди дека разговорот е одложен, без да ги наведе причините. По изборната победа на АфД, Трамп на својата платформа „Трут соушл“ објави порака во која ја пофали победата на популистичката партија, иако не ја именуваше директно.

„Популистичката партија во Германија штотуку имаше навистина голема ноќ“.

Трамп потоа наведе дека АфД и нејзините поддржувачи се уморни од „апсолутно ужасните правила за имиграција“ на Германија.

„ТИЕ СЕ ВО ПОДЕМ и нема повеќе да толерираат“, потенцира Трамп.

Објавата ја заврши со „МГГА!“, кратенка за „Да ја направиме Германија повторно голема“ (Make Germany Great Again), како варијација на неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“, познат како МАГА.

Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари 2025 година, АфД воспостави поблиски врски со Вашингтон. Нејзини претставници присуствуваа на инаугурацијата на Трамп, а американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во февруари 2025 година се сретна со копретседателката на АфД, Алис Вајдел, на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

Тогаш Венс предупреди дека исклучувањето на популистичките партии и создавањето политички „заштитни ѕидови“ може да значи игнорирање на волјата на милиони гласачи.