Новиот предлог за заедничкиот буџет на Европската Унија, поднесен од страна на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претставува позитивен почетен чекор, но крајната финансиска рамка сè уште е превисока, оцени германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Тој потенцираше дека европските држави се соочуваат со потреба од строга финансиска дисциплина и рационализација на сопствените сметки.

„Практично сите земји-членки на ЕУ треба да ги средат своите јавни финансии. Зголемувањето од повеќе од 40 отсто на европскиот буџет се чини некомпатибилно со сегашниот контекст“, вели Мерц.

Кошта претходно излезе со предлог за намалување на средствата за речиси 200 милијарди евра во споредба со првичниот нацрт на Европската комисија, кој беше проектиран на вкупно 1,76 билиони евра.

„Нерамнотежата во буџетот на ЕУ ќе се зголеми дополнително“, предупреди Мерц.

Канцеларот истовремено посочи дека рамномерна и праведна распределба на финансискиот товар врз сите може да се оствари исклучиво преку соодветни корекции на приходите, при што не даде директен коментар за идејата за оданочување на големите технолошки корпорации.

Наместо дебата за тој данок, тој упати апел во идниот европски буџет да се гарантира постојана и стабилна материјална помош за Украина со целосно учество на сите 27 држави членки.