Изјавите на еврокомесарот Оливер Вархеји за можно разделување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, предизвикаа бура од негодување во кругови на ЕУ и меѓу познавачите на приликите во Југоисточна Европа, пишува австрискиот весник „Стандард“, пренесе „Дојче веле“.

Висок службеник на Европската комисија за „Стандард“ вели дека изјавите на Вархеји наишле на чудење во Брисел.

– Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: С. Македонија ги исполни сите критериуми, вели претставникот на ЕК.

Дополнува дека му е нејасно зошто воопшто се шпекулира за разделување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката ќе ја донесе Советот на ЕУ, а таму не постојат никакви амбиции за раздвојување.

– Напротив: држави како Данска, Холандија, но и Германија- која влегува во изборен период- никогаш нема да одобрат да се започнат преговори само со Албанија. Не подготвуваме никакво раздвојување, а исто така нема потреба ниту од нов извештај на Комисијата, наведува претставникот на ЕК.

Како што пишува „Стандард“, во кругови на ЕУ постои претпоставка дека однесувањето на Вархеји кон Северна Македонија се должи на поддршката која унгарскиот премиер Виктор Орбан и ја дава на македонската национал-конзервативната опозиција.

– Како комесар за проширување тој не смее да си дозволи да се води од лични симпатии“, вели претставникот на ЕУ, алудирајќи на Вархеји.

-Во дипломатски кругови се наведува дека Вархеји баш и не се прославил во однос на поддршката на социјалдемократската влада во Скопје да го надмине ветото на Бугарија. Напротив: Тој дури покажувал симпатии за националистичката позиција на бугарската влада, пишува „Стандард“.

Денеска во рамките на Советот на ЕУ повторно ќе се разговара за државите од Западниот Балкан, а тема ќе биде и С. Македонија.

– И држави како Австрија, кои се залагаат за почеток на преговорите, сакаат да му помогнат на Скопје. Но доколку и овојпат не се постигне согласност за почеток на преговорите со С Македонија и Албанија, ситуацијата ќе стане уште поневеродостојна, а тоа е веќе така со години. Особено фактот што Скопје се уште не може да почне преговори, испраќа контрапродуктивен сигнал на Балканот. Македонскиот премиер Зоран Заев важи за човек со чиста совест, кој притоа предводи и една мултиетничка влада за пример. Сликата е катастрофална: Најдобриот ученик е третиран најлошо и нај нефер, го коментира односот на ЕУ кон Северна Македонија, претставник на ЕУ за „Стандард“.