Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осудува чинот на симнување и сквернавење на македонското државно знаме на плоштадот во Гостивар. Од партијата посочуваат дека со овој чин се изразува непочитување кон државните симболи, институциите и државата Македонија, нагласувајќи дека државното знаме не претставува симбол на една политичка партија или на една етничка заедница, туку е симбол на Република Македонија, на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во државата, чие почитување е обврска на секој граѓанин без оглед на етничката, верската или политичката припадност.

„Почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи“, порачуваат од ЗНАМ.

Од партијата потенцираат дека прославувањето на Денот на албанското знаме без соодветно истакнување на македонското државно знаме претставува директно непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата.

Во партиското соопштение се наведува и дека уличното дивеење, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите воопшто не прилегаат на достоинствено, свечено и цивилизирано одбележување на кој било празник.

„Празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и градење соживот, а не за провокации, инциденти и демонстрација на непочитување кон државата“, се нагласува во соопштението.

Од политичкото движење очекуваат надлежните институции без никакво одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, целосно да ги идентификуваат сторителите и да постапат строго согласно законите, истакнувајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите, без селективност и без политички калкулации.

„Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и законите е обврска на сите! Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани и нејзиното знаме мора да биде почитувано од сите“, порачуваат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.