На граѓанската трибина во Кавадарци под мотото „Се бориме за нашиот дом“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека не спровел ниту една вистинска реформа во правосудството и дека, наместо независни институции, создал систем под партиска контрола.
„Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“ – праша Филипче пред насобраните граѓани.
Тој истакна дека, според него, Мицкоски не сака независно судство, туку „свое судство“, со обвинители избрани од „тефтерчињата во Белата палата“.
„Ако навистина сакаш правда, биди маж и кажи дека секој ќе одговара – и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка,“ порача Филипче.
Лидерот на СДСМ зборуваше и за земјоделството во Тиквешкиот регион, нагласувајќи дека, како што рече, „тиквешијата страда под оваа власт“.
„Не е патриот оној што дозволува 11.000 семејства што живеат од лозарството да бидат понижени,“ додаде Филипче, обвинувајќи дека Владата се грижи за „фаворизирани фирми и блиски луѓе“, додека малите земјоделци се оставени сами.
Осврнувајќи се на економијата, Филипче зборуваше за, како што рече, „економски хаос“ во државата:
„Стотици компании немаат добиено поврат на ДДВ, платите стагнираат, а цените растат. И наместо решенија, Владата воведува нов данок на евтини интернет-пратки. Во држава со 40% сива економија, ова е уште еден удар врз народот.“
Од трибината беа најавени и неколку локални проекти – агро берза за реални цени на грозјето без уцени, како и старт-ап центар за поддршка на младите претприемачи.
Носителот на советничката листа, Вуко Мелов, најави мерки за „почист и позелен град“, пониски комунални трошоци, бесплатни градинки за деца од семејства со ниски приходи и ослободување од комуналии за млади семејства.
„Кавадарци мора да стане град што се развива со план, визија и љубов,“ рече Мелов.
Кандидатот за градоначалник, Виктор Велевски, додаде дека нивната борба е „за правда, еднаквост и слобода“, најавувајќи гасификација, пречистителна станица и зелен прстен околу градот.
Трибината заврши со едноминутно молчење во чест на Панчо Минов, поранешен градоначалник и пратеник од Кавадарци, кој оставил значаен белег во локалната заедница.