Вучиќ изјави дека неговата политичка борба за европската интеграција не била насочена исклучиво кон Србија, туку и кон Босна и Херцеговина и Македонија
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека неговата политичка борба за европската интеграција не била насочена исклучиво кон Србија, туку и кон Босна и Херцеговина и Македонија, отворајќи ја можноста земјите од Западен Балкан да напредуваат кон Европската Унија по забрзана постапка, во ист пакет со Украина.
Во интервју за Федералната радиотелевизија на Босна и Херцеговина, Вучиќ оцени дека евентуалното членство или приклучување кон некаков облик на „полуевропска унија“ би довело до губење на сегашната тежина на границите во регионот.
– За тоа се борев. Не само за Србија, туку и за Босна и Херцеговина и за Македонија – изјави Вучиќ.
Тој објасни дека се разработува посебен пристап во рамки на можен мировен договор поврзан со војната во Украина, според кој Киев би можел да стане членка на ЕУ од 1 јануари 2027 година. Според Вучиќ, ваквиот модел би можел да создаде врата за забрзана интеграција и за државите од Западен Балкан кои сè уште се надвор од Унијата.
На прашањето дали ваквото сценарио е реално, српскиот претседател одговори воздржано:
– Не сум сигурен, но не би ја исклучил таа можност.
Во интервјуто Вучиќ се осврна и на обвинувањата поврзани со случајот познат како „Сараево сафари“, во кој се тврди дека за време на војната во Босна и Херцеговина пукал од снајпер кон Сараево. Тој ваквите наводи ги нарече ноторни лаги.
– Ниту убив, ниту пукав, ниту нешто слично – рече Вучиќ.
Тој го обвини хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ дека води, како што изјави, специјална војна против него и против Србија, оценувајќи го како „обичен измамник“.
Вучиќ потврди и дека на почетокот на војната работел како новинар и преведувач за српската телевизија во Пале, место во близина на Сараево.
