Повторен обид за национално предавство – Мицкоски ја критикува СДСМ за лаги и манипулации

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на народниот митинг во Зрновци, остро ги критикуваше СДСМ и предупреди дека повторен обид за национално предавство преку наводно патриотски документи ја загрозува довербата на граѓаните и покажува дека политичките противници не се променети.

„Ги слушам вчера изјавите на претседателот на СДСМ, каде ветува среќен живот. Тој пред него ветуваше живот, сега овој ветува среќен живот. Истите лаги, од исти луѓе. Уште едно ветување кое, исто така, го дадоа е подарокот кон нашиот источен сосед. Измислија нов подарок за ново предавство национално, кое сега го спакуваа во еден документ наводно патриотски предлог, наречен Резолуција со црвени линии за решение со нашиот источен сосед“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека е неверојатно како опонентите се обидуваат да го прелажат народот, користејќи исти стратегии.

„Мора да бидат казнети затоа што сакаат повторно да направат измама на ист начин и буквално со истите финти. Не се променети и затоа мора и овој пат да бидат казнети, бидејќи, очигледно дека лекцијата од април, мај 2024 година не ја научија“, нагласи Мицкоски.

Според него, резултатите од спроведените анкети покажуваат дека 83% од граѓаните не им веруваат на изјавите на СДСМ, што ги вклучува и нивните традиционални гласачи.

„Замислете што уште кажа претседателот на СДСМ. Тој рече, верувале или не, дека тие биле искрени. Ако правите анкета и ако ги прашате граѓаните дали мислат дека навистина овие од СДСМ се искрени и дали им веруваат за тоа што го зборуваат, рекордни 83 проценти ќе ви кажат „не“. И најголемиот дел од нив кога ќе ги потпрашате ќе ви кажат и брутално, а зинат лажат. Тоа е таа отсутност и обид да си кажат нешто, па ако им пројде – пројде. Дури и нивните традиционални гласачи се свесни дека не ја говорат вистината, што впрочем се гледа и од анкетите. И сега, тие продолжуваат бесрамно да зборуваат дека биле искрени. Човек просто не може да верува. Немам зборови“, додаде Мицкоски.

На овој митинг, Мицкоски повторно ја истакна потребата од чесно и одговорно политичко работење, оценувајќи дека секој обид за манипулација со граѓаните и националните прашања мора да биде соодветно казнет за доброто на државата и за зачувување на демократските процеси.