На безумниот потег на Ламбе Алабаковски, за кој ќе биде обвинет и веројатно и осуден, му претходеа низа незаконски дејствија, за кои не е утврдена одговорност. И после палењето на вратата на клубот во Битола се извршени казниви дела, за кои засега никој не е одговорен. Ќе биде ли правдата задоволена ако Ламбе заврши на клада?

Не, не сме сите Ламбе.

Ниту сме, ниту сме биле, ниту ќе бидеме такви.

Палењето на вратата на клубот што го носи името на фашистичкиот квислинг Ванчо Михајлов во Битола е нешто што не може да се оправда.

Тоа сепак не е херојски чин. Попрво би се рекло дека станува збор за еден неодмерен чин на револт. Не ги отфрлам дури и шпекулациите дека пејачот Ламбе Алабаковски бил со идеја на ваков начин да си направи „бесплатна“ реклама.

Но, да се каже дека ова е „антимакедонска свињарија“ и „пробугарски чин“ е клевета и израз на елементарно непочитување на чувствата на Македонците, длабоко повредени од провокативната одлука на бугарската влада да ја спонзорира промоцијата на Ванчо Михајлов, именувајќи културна институција на бугарското малцинство во Македонија со името на фашист и соработник на Павелиќ и на Хитлер.

Таква оценка за безумниот чин на Ламбе може да изговори и да напише само еден потврден и докажан антимакедонист, дефинитивно поголем антимакедонист од Драгојчева и од Каракачанов, Џамбаски и Трифонов, човек кој целиот свој компулзивен опус во последниве години го посвети на смртта на Македонија и на сите вредности коишто во свеста на нацијата се сметаат за атрибути на македонскиот идентитет.

Но, да ги оставиме глупавите спинови на страна, да се посветиме на суштината

Мислам дека артикулирам широко распространето мислење ако го кажам следново – јас не сум Ламбе, не барам Ламбе да биде ослободен од одговорност и барам за него правда и праведен исход на кривичниот прогон на кој е изложен.

За него, како и за сите други. Бидејќи сите треба да сме еднакви пред законот.

А не сме. И тоа, за жал, се гледа и во случајот на Ламбе.

Во досегашната постапка Ламбе Алабаковски веќе се соочи со првата очигледна неправда. Определен му е притвор од 8 дена, Тврдам, без никаква сериозна основа, како привремена казна и веројатно за атер на Бугарите.

Ако им се верува на истражните органи, Алабаковски го признал делото. Ако му се верува на министерот Оливер Спасовски, собрани се многу материјални докази дека токму Ламбе ја запалил вратата на клубот во Битола. Сето тоа ни укажува дека истрагата е завршена или се приведува кон крајот, без никаква можност осомничениот да влијае и врз истражителите и врз сведоците. Впрочем, да повторам – тој самиот признал дека го сторил делото.

Зошто тогаш треба да биде во притвор цели 8 дена? Затоа што имал двојно државјанство, па можел да избега? Ма дајте, немојте од нас да правите будали! Десетици, ако не и стотици илјади луѓе во оваа држава имаат двојно државјанство. Сите ли ќе избегаат? Или, пак, има некаква тајна службена белешка на АНБ, дека баш Ламбе ќе избегал?

Белешките беа во мода, можеби уште се. Се чудам, сепак, како тоа немаше таква белешка кога Ден Дончев кидна од Македонија, откако беше осомничен за рекет?!

А можеби притворот за Ламбе сепак е само за да се импресионира Софија…

Кога сме веќе кај Софија, да потсетам дека во изјавата на благодарност до македонската влада за брзото пронаоѓање на човекот што ја запали вратата на клубот во Битола, бугарскиот премиер Кирил Петков го нарече сторителот „пироман“.

Можеби Петков е неук, па некој треба да го подучи дека не е пироман секој човек што ќе запали врата, шума или нешто трето. Пироман е психијатриска дијагноза. Осомничениот Алабаковски има свои граѓански права и никој, освен психијатар, не може и не смее да му определи психијатриска дијагноза. А кога некој неовластен ќе го стори тоа, па уште и јавно ќе го каже, ги повредува честа и угледот на еден човек. Таквиот говор е забранет со закон.

Така е во цивилизираните општества. Така е особено во напредните демократии, какви што се земјите членки на Европската Унија. А Бугарија е членка на ЕУ, Петков е нејзин премиер и не му личи да се однесува нецивилизрано.

Ќе се извини ли Петков за клеветата врз Алабаковски?

Во цивилизираните општества се казнува и говорот на омраза, а за загрозувањето на сигурноста со изрекување смртни закани и да не зборуваме. Тоа е кривично дело. Ќе одговара ли некој за смртните закани упатени кон Алабаковски, што беа напишани јавно, на социјалните мрежи? Ќе ги открие ли министерот Оливер Спасовски заканувачите?

И најважно од сè, да потсетиме на ноторниот факт дека културниот центар „Иван Михајлов“ бил регистриран со евидентен пропуст од страна Централниот регистар, без позитивно мислење од ресорното Министерство за правда за користење на името на квислингот Михајлов. Со други зборови, постапката била незаконита.

Зошто државата не ја укина регистрацијата на клубот? Добро, ако веќе не смеела, за да не се нарушат односите со Бугарија, зошто никој не е повикан на одговорност поради тоа што регистрацијата на клубот е извршена во незаконита постапка? Во случајов, постои основано сомневање дека некој ја злоупотребил својата службена положба и овластување, што исто така е кривично дело.

И затоа, јас велам – не, не сме сите Ламбе, ама не сме ни слепци и глупаци!

Не е фер Ламбе да заврши на клада и потоа сите во хор да кажеме – ете, правдата е задоволена.

Не, тоа е сè, само не правда!, пишува Бранко Героски во својата колумна за плусинфо.мк.