Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за отфрлање на иницијативата што ја поднесе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Со оваа иницијатива опозициската партија бараше оценување на уставноста на собраниската Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција.

Судот утврди дека оспорениот документ содржи исклучиво политички ставови, а не правни норми со кои се регулираат општествените односи, поради што не подлежи на уставно-судска контрола.

Според официјалното образложение на уставните судии, документот има исклучиво декларативен карактер и како таков не претставува правен пропис подобен за проверка на уставноста и законитоста. Поради немање надлежност за ваков тип акти, судиите ја отфрлија постапката повикувајќи се на член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.