Зајакнувањето на институционалните капацитети за справување со земјотреси и здравствени кризи е клучен предуслов за навремена реакција на терен. Регионалната координација овозможува побрз одговор при катастрофи и поголема безбедност за сите граѓани. Ова го истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов на настанот посветен на спроведувањето на регионалниот проект „ИПА КЕАР“ (IPA CARE).
Во рамките на своето обраќање, Ангелов стави посебен акцент врз модернизацијата на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR). Тој посочи дека соодветното опремување на овие единици овозможува поефикасно спасување човечки животи и дава значајна заштита на самите спасувачи за време на тешки интервенции.
Проектот овозможува интензивна соработка, размена на искуства и оперативно усогласување на постапките меѓу службите за заштита од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Турција, како и со соодветни европски партнери.
На претстојната теренска вежба детално ќе се тестираат оперативната подготвеност, меѓусебната координација и практичната соработка на надлежните регионални институции при вонредни состојби.
Директорот Ангелов упати јавна благодарност до тим-лидерот Петер Глерум и сите вклучени партнери за успешното спроведување на иницијативата, потенцирајќи дека отпорноста на институциите е директно поврзана со нивната заедничка подготвеност.
