Неколку илјади демонстранти и трета вечер по ред излегоа на улиците на Киев, незадоволни од разрешувањето на украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров. Во меѓувреме, претседателот Володимир Зеленски изјави дека ги слуша пораките од граѓаните и дека веќе разговарал и со Федоров и со врховниот командант на украинската армија, Александар Сирски.

Според германската новинска агенција dpa, на протестите, на кои доминирале млади луѓе, едно од главните барања било Зеленски да го разреши Сирски.

Федоров претходно соопшти дека дошол во судир со врховниот командант Александар Сирски, кој, според него, се залага за потрадиционален пристап во водењето на воените операции. Зеленски, во своето редовно вечерно видео-обраќање, потврди дека разговарал со двајцата и дека се разгледуваат одлуки поврзани со армијата, но не откри дополнителни детали.

Во текстот се наведува дека ваквата изјава е во спротивност со секојдневните извештаи на Киев и западните медиуми, според кои украинската армија ѝ нанесува големи загуби на Русија и има предност на бојното поле.

Западните медиуми судирот меѓу Сирски и Федоров го посочуваат како причина за разрешувањето на министерот. Од друга страна, дел од украинските опозициски медиуми сметаат дека смената на Федоров, заедно со премиерката Јулија Свириденко, претставува пресметка на Зеленски со личности кои би можеле да ја загрозат неговата позиција, ослабена по серијата корупциски скандали.

„Фајненшл тајмс“ претходно објави дека Зеленски ја разгледува можноста за разрешување и на врховниот командант Сирски. Според весникот, украинскиот претседател викендов требало да одржи состанок со военото раководство за да ги разгледа извештаите од фронтот и да интервјуира потенцијални кандидати за оваа функција.

Во меѓувреме, разузнавачот Евгениј Чмара во петокот привремено ја презеде функцијата министер за одбрана. Сепак, Зеленски сè уште треба официјално да ја достави неговата кандидатура до парламентот, кој треба да ја потврди.

Сирски ја извршува функцијата врховен командант на украинските вооружени сили од февруари 2024 година, кога го наследи Валериј Залужни. Зеленски тогаш го испрати Залужни на дипломатска должност како амбасадор во Лондон, по несогласувања и поради растечкиот рејтинг на генералот.

Според dpa, шеесетгодишниот Сирски е професионален војник, етнички Русин роден во Русија, кому му се припишуваат заслуги за одбраната на Киев и успешната противофанзива во Харковската област во 2022 година. Во текстот се наведува и дека руските сили се повлекле од подрачјата околу Киев и Харков по мировниот договор постигнат во Истанбул во март 2022 година, повикувајќи се на тврдења на турски посредници и учесници во преговорите. Се додава дека Киев подоцна се откажал од договорот по посетата на тогашниот британски премиер Борис Џонсон и тогашниот американски министер за одбрана Лојд Остин.

Михајло Федоров беше именуван за министер за одбрана во јануари годинава. Претходно, 35-годишниот функционер раководеше со Министерството за дигитализација, основано во 2019 година.