Овие избори се одлука за вашата иднината
Одлука за вашата иднината беше централната порака на премиерот Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во општина Чашка, во рамките на кампањата за локалните избори под слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, закажани за 19 октомври.
„Овие избори се одлука за вашата иднина и за иднината на вашите деца. Вие го одбирате човекот кој ќе се грижи за вашето маало, за вашата улица, за вашата општина. Со тој избор вие сакате да имате човек кој ќе биде вашиот глас во општината, човек на кој можете да се потпрете кога ви треба помош, човек кој ќе ве сослуша кога имате што да кажете, кој ќе работи и ќе решава проблеми,“ рече Мицкоски.
Тој посочи дека со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, државата оди напред, додека со изборот на СДСМ, како што кажа, се оди назад.
„Досегашната кампања покажа дека изборот е лесно препознатлив. Но одлуката да излезете и да гласате е пресудно важна за да обезбедите иднина. Ние излегуваме со план, програма и визија зад која стојат внимателно одбрани проекти и решенија кои се одговор на вашите потреби. Не ветуваме чуда, чуда се невозможни, ние не сме чудотворци, а секој кој ветува чуда не ја говори вистината, ние ветуваме многу напорна, чесна и посветена работа,“ нагласи Мицкоски.
Критики за опозицијата и економските политики
Мицкоски рече дека опозициските партии, како што ги нарече, „немаат ниту програма, ниту знаење, туку само конструкции, фабрикувани лаги и омраза“.
„Поминавме седум тешки години кога претходната влада на СДСМ и ДУИ создаваше хаос, уривања, поделби и многу криминал и тие години на апатија и безнадежност народот не ги заборава, колку и денес да се трудат ова време да се заборави. Пред само 15 месеци истите тие луѓе беа причината за сите неправди и неуспеси. Сега истите тие не може да бидат алтернативата која ќе донесе резултати. И така безобразно продолжуваат и оваа кампања да не ја говорат вистината,“ изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој зборуваше за инфлацијата и животниот стандард.
„Тој зборуваше за инфлацијата, стандардот на граѓаните и за тешкиот живот. Во прво време не го сфаќав сериозно и мислев дека тоа што го говори е нешто коешто му е кажано да го каже, па потоа ќе каже дека ја научиле грешката од минатото, дека еве сега врз основа на таа грешка нема повеќе да грешеле, ако ја добијат довербата. Но во суштина сфатив дека тоа е нивната стратегија на овие избори да кажуваат нешто коешто воопшто и не го разбрале. Сфатив дека тие на оваа кампања, во овие избори, не само што не ја научиле лекцијата од минатото, туку продолжуваат истата грешка да ја прават,“ кажа тој.
Мицкоски додаде дека во времето на владеење на СДСМ инфлацијата била меѓу највисоките во Европа.
„И кога не води црна кампања, тогаш не ја говори вистината и како што вели народот, лаже, па ќе зборува дека имало сега рекордно високо ниво на инфлација. До само пред година и половина, две години, Македонија беше рекордер во стапката на инфлација во Европа, којашто на моменти изнесуваше и повеќе од 20%,“ истакна Мицкоски.