Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за за оние кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија. Со оглед на тоа што законски утврдените консултации завршија, се очекува уште овој месец измените да се најдат на владина седница.

Во интервју за МИА, претседателот на организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека овие законски измени биле разгледувани подолг период, а подолга расправа имало и на Економско-социјалниот совет. Ова решение, според него, е балансирано и ги унапредува работничките права. Сепак, во истовреме, нагласува, мора да се води сметка за доследна примена на тоа што ќе биде донесено.

Тој појаснува дека дуќани, како продавници за текстил нема да имаат право да работат во недела, освен доколку не сака газдата односно самиот основач на фирмата да работи. Нему му е дозволено. Значи, потенцира Димитров, сопственикот на фирмата може да работи затоа што тоа е и негово уставно право, нему не може никој да му забрани, штом е негово тој сака да работи, ама работниците не може да работат. Според него, ќе работат и големите маркети за храна и дуќаните кои се во рамки на трговските центри. Нема да работат конфекциите, односно текстилната, кожарската и чевларската индустрија, бидејќи не се ставени во исклучоците.

-Ќе работат само оние кои се стриктно напишани во исклучоци односно дејности неопходни за функционирање на државата. Нема да работи и цела преработувачка индустрија. Само дел од таа индустрија, дури, да речеме, еве во млекарите ќе работат само службите што ќе го собираат млекото од селаните и ќе го ставаат во замрзнувачи, а во понеделникот се почнува со процесот на производство. Значи, само помошните дејности ќе работат. Така што, текстилни фабрики, кожни, преработка на дрво, мебел, тоа ништо нема да работи во никој случај, појаснува претседателот на Организацијата на работодавачи, потенцира Димитров за МИА.