Под влијание на изразена циклонска активност, од денеска во вечерните часови па сѐ до недела, времето во државата ќе биде претежно облачно и студено. Врнежите ќе бидат од дожд на пониските места, додека на повисоките предели ќе врне дожд и снег, а на планините ќе паѓа исклучиво снег, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Како што посочуваат метеоролозите, поради спуштање на значително поладна воздушна маса од северните делови, за време на претстојниот викенд врнежите ќе бидат мешани од дожд и снег на некои од повисоките места, додека на планините ќе има само снег каде што се очекува формирање нова снежна покривка. Врнежите наместа ќе бидат пообилни со наврнати над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, а во текот на целиот циклонски период локално ќе достигнат и над 80 литри на квадратен метар.

Од почетокот на следната работна седмица следува стабилизација со променливо облачно време и сончеви периоди. Сепак, утрата ќе бидат значително постудени, а утринските температури на повеќе места ќе се спуштат под нула степени.

Во Скопје од денеска во вечерните часови па сѐ до недела ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд. За време на викендот, во повисоките делови од скопската котлина, дождот повремено ќе преминува во снег.