Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Меѓу другото, вработени од компанијата „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Во меѓувреме, се интензивираат подготовките за локалните избори, а на 21 август почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември.
Граѓаните своите податоци во Избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страната на ДИК – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/, или во нивните канцеларии и подрачни единици.
До 9 септември граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
Од 16 август започна и собирањето потписи за независни листи во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. До крајот на минатата недела се собрани потписи за четири независни кандидатски листи, а рокот истекува на 30 август во 24 часот.
Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.
Партиите веќе почна да ги објавуваат кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи.
Владејачката СДСМ и коалицијата најавија дека најдоцна до 24 август (вторник) ќе објават дел од кандидатите за градоначалници.
ВМРО-ДПМНЕ во петокот ги објави имињата на уште 19 кандидати за градоначалници, а најави и соработка на локалните избори со Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.
Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.
Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.