Минимум 33,33% излезеност потребна за важечки изборен круг

Според најновите податоци на Државната изборна комисија (ДИК) за излезеноста до 17 часот, во повеќе општини е забележан исклучително низок одзив на гласачите, поради што постои опасност таму да не биде избран градоначалник, објавува 360 степени.

Согласно член 132 од Изборниот законик, за да биде изборниот процес важечки, денеска мора да гласаат најмалку една третина од избирачите запишани во соодветната општина.

„Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг не излезат најмалку една третина, изборите се повторуваат во целост“, стои во законот.

Општини со најмала излезеност до 17 часот

Податоците на ДИК покажуваат дека најниска излезеност е забележана во Центар Жупа со 19,15 проценти, во Врапчиште со 20,94 отсто, Маврово-Ростуше со 25,89 проценти и Гостивар со 28,02 проценти.

Неколку општини блиску до прагот за валидни избори

Во општините Шуто Оризари со 30,38 проценти, Радовиш со 31,57 проценти и Пласница со 32,87 проценти, излезеноста е мала, но постои можност до затворањето на гласачките места да се надмине потребниот праг од 33,33 проценти за да изборите бидат валидни.