Косово не може автоматски да добие статус на кандидат за членство во Европската Унија и мора да ги убеди сите 27 земји-членки, изјави денеска вршителката на должност шефица на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Ева Палатова.

Таа реагираше на изјавата на косовскиот премиер Аљбин Курти, кој на прославата по повод Денот на Европа во Приштина побара од Европската Унија да му додели кандидатски статус на Косово и да отвори преговори за членство.

„За Косово, ЕУ не е далечна реалност, ниту збир стандарди што треба да се исполнат. Таа е природен дом на нашето општество, рамката на нашите реформи и иднината на нашите граѓани, која веќе е избрана. Повеќе од 80 проценти од нашите граѓани го поддржуваат членството во ЕУ, што е едно од највисоките нивоа на поддршка насекаде во Европа“, рече Курти.

Палатова порача дека Брисел не може едноставно да му додели кандидатски статус на Косово, туку дека за тоа е потребна поддршка од сите земји-членки на ЕУ.

Таа додаде и дека парламентарните избори што треба да се одржат во Косово за еден месец мора повторно да бидат слободни, фер и инклузивни.