Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја исклучи можноста за управување со малцинска влада, со оглед на тензиите во неговата конзервативна партија околу предлозите за пензиска реформа, објави ДПА.

– Според мене, не доаѓа предвид да преземеме таков чекор. Дали некој верува дека во сегашниот Бундестаг ќе можеме да работиме со променливи мнозинства и дека ќе направиме некаква разумна законодавна работа? – рече Мерц на економска конференција во Берлин.

Неговата изјава следеше по медиумските извештаи дека Христијанско-демократската унија (CDU) разгледува сценарио за малцинска влада.

Тензиите во партијата се појавија околу предлозите за пензиска реформа, кои Мерц и неговите коалициски партнери од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) веќе ги одобрија. Младинското крило на ЦДУ, меѓутоа, ги отфрли предлозите. Се очекува 18 пратеници поврзани со младинското крило да гласаат против реформата, што би го попречило нејзиното усвојување во Долниот дом на германскиот парламент.

И покрај несогласувањата, Мерц увери дека коалицијата со СПД ќе продолжи и во следната година.