Мицкоски: Нема услови за избори, приоритет се реформите
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека годинава нема да има предвремени парламентарни избори, и покрај тоа што, како што рече, таков изборен циклус би ѝ одговарал на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го истакна на синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
„Не можеме половина година да ја трошиме на избори“
На крајот од емисијата Клик Плус, Мицкоски потенцираше дека државата се соочува со сериозни предизвици и дека фокусот мора да биде на реформите.
„Цело време зборувам колку лоши работи ги наследивме и колку работи треба да се направат и колку реформи треба да се направат да биде подобро. И сега да кажам дека се подготвуваме за парламентарни избори и да потрошиме пола година живот на нашите граѓани“, изјави премиерот.
Средбата со Ахмети и ефектите од „Сејф Сити“
Осврнувајќи се на средбата со Али Ахмети и обвинувањата дека дал ветување за предвремени избори, а потоа се повлекол, Мицкоски рече дека не би имал причина за таков чекор, бидејќи на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара одржување избори.
Во текот на гостувањето, тој зборуваше и за проектот „Сејф Сити“, наведувајќи дека според бројките, новиот систем придонел за намалување на бројот на загинати лица и сообраќајни несреќи.
