Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека нема намера да поднесе оставка и дека неговиот мандат произлегува од поддршката што ја добил од граѓаните. Тој реагираше на протестите и барањата за негово повлекување, нагласувајќи дека демонстрантите не можат да го прекинат мандатот што му го довериле гласачите.
„Тие повторуваат дека не сакаат дијалог, не сакаат преговори, само сакаат моја оставка! Големо недоразбирање“, напиша Рама на платформата Икс.
Тој порача дека нема „договор“ со демонстрантите, туку со приближно 800.000 албански граѓани кои гласале за него, поради што нема намера да се повлече од функцијата.
Рама повторно ја употреби метафората за „фламинга“, „врани“ и „гаврани“, притоа посочувајќи дека го почитува правото на протест, но дека барањата за негова оставка не го менуваат мандатот што го добил на изборите.
Социјалистичката партија на Рама победува на изборите од 2013 година. Ова е негов трет мандат како премиер, обезбеден на минатогодишните избори, кога партијата освои 84 од вкупно 140 пратенички места.
