Градиме добри односи со Бугарија, но не прифаќаме ултиматуми за идентитетот
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е отворен за соработка и градење добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Тој, меѓутоа, нагласи дека не прифаќа ултиматуми, особено кога станува збор за македонскиот идентитет. Ова го кажа денеска во Желино, пред посетата на Каја Калас, висок претставник на ЕК.
„Исклучително ја почитувам Каја Калас и имам добри односи со неа. Министерот Тимчо Муцунски прв во регионот потпиша договор со ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Тоа е еден од стратешките договори што ги потпишува оваа Влада. Немам дилема дека треба да градиме добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Немаме проблем да го прошириме Уставот со Хрватите, бидејќи Македонците се дел од хрватскиот устав. Немаме проблем да зборуваме за Црногорците или Словенците“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека има проблем со ултиматуми и дека никогаш нема да преговара за идентитетот.
„Нема да преговарам за нешто што е огромен проблем за македонските граѓани, за Албанците, Турците и сите во Уставот. Еден министер во минатото преговараше за мојот идентитет и направи грешка. Ако мисли дека тоа ќе го заборавиме, се лаже. Ќе бараме начин да градиме доверба и да го решиме ова. Штетата што тој човек ја нанесе на македонскиот идентитет ќе остане во меморијата“, изјави Мицкоски, алудирајќи на ексминистерот Бујар Османи.
Ако тој не го почитува својот сосед, тој не го почитува ниту своето семејсто ниту својот народ, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека грешките од минатото ја довеле земјата во тешка позиција за преговорите со ЕУ.
„Тој проблем што тој човек го направи нè спречи да почнеме преговори за членство во ЕУ. Од шампиони во регионот, денес заостануваме иако заслуживме место во ЕУ. Почнавме пред две и пол децении, кога други само сонуваа за тоа. Покажавме дека сме проевропски и така ќе продолжиме“, рече премиерот.
За реформската агенда, тој кажа дека се работи со различно темпо на задачите.
„Реализираме, а бројките говорат за напредок. Задоволен сум од сработеното, иако секогаш може повеќе. Со оглед на состојбата пред една година, со труд и залагање на Владата, испорачуваме што е потребно. Ќе продолжиме да работиме за сите граѓани, без разлика на етникум, партија или конфесија. Нашата цел е татковината да се развива“, порача Христијан Мицкоски.
Извор: плусинфо