Процесот на евроинтеграции и прашањето за уставните измени претставуваат сложена и тешка институционална борба. Актуелната влада останува цврсто посветена на заштитата на државните интереси и достоинството на граѓаните и покрај наследените блокади, истакна премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Зборувајќи за предизвиците на европскиот пат, тој посочи дека претходната власт на СДСМ оставила преголеми обврски што го кочат напредокот. Тој упати директна порака до сите оние што постојано упатуваат критики кон сегашниот пристап во дипломатските преговори.
„Оставете нè да се бориме. Зошто моето право како политичар којшто добил легитимитет од граѓаните да ги брани интересите на оваа држава и нивни ми се успорува континуирано од одредена група на луѓе? Зошто? Оставете ме да се борам во името на тие коишто ми го дале тоа право“, вели Мицкоски.
Тој направи историска паралела со договорите од минатото, споредувајќи ги актуелните политички отстапки со историски документи и поранешни раководства на државата.
„Ова се процеси коишто траеле. Кога е потпишан Бледскиот договор, зарем тогаш Димитров сонувал дека еден ден ќе се роди некој Заев или Ковачевски коишто ќе потпишат сè обратно што тој го потпишал како капитулација пред тогашното раководство на Македонија, Југословенската федерација? Не сонувал, ама еве чекале, чекале… И оваа борба ќе трае“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека владата нема да направи ниту еден избрзан чекор сè додека нема целосна сигурност и меѓународна гаранција дека со тоа ќе бидат затворени сите отворени прашања со соседите.
„И да речам да се фрлам од 10-ти спрат и да речам дека ова така е, и јас и цела влада, ќе измислат нешто друго. Додека не бидеме сигурни дека со ова го решаваме целиот проблем. Сè додека не бидеме сигурни дека ова е двонасочна улица, ќе се бориме. Зошто ми го спречувате правото да се борам? Јас не сум рекол дека утре, веднаш ќе цутат цвеќињата, птиците ќе пеат и сè ќе биде розево. Не, ова е тежок процес бидејќи товарот којшто овие ни го оставија пред нас е толку тежок што поместуваме планини за милиметар да мрднеме напред. Планини поместуваме, толку е голем тој товар. И нема проблем, ќе ги поместуваме, но оставете нè, не ни ставајте нови товари“, потенцира Мицкоски.
Тој заклучи дека водењето на државните процеси бара долгорочно стратешко планирање, а не носење одлуки со краткорочен политички ефект.
„Кога сте политичар и кога имате чест да водите влада и држава, не можете да ги водите политиките денес за утре. Морате да гледате месеци и години пред вас. Ако вие не сте способен да видите месеци, години, да видите неколку чекори, вие не треба да се занимавате со оваа работа“, додаде Мицкоски.
