Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди силната владина поддршка за изградба на дата-центри во Македонија. Тој оцени дека овие капацитети, заедно со вештачката интелигенција, се од суштинско значење за севкупниот иден технолошки напредок на земјата.
За време на гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Мицкоски посочи дека цврсто стои зад ваквите проекти бидејќи целиот современ свет својот напредок го темели токму на дигиталната инфраструктура и новите технологии.
„Да, сум за дата-центри и ќе продолжам да бидам затоа што тоа е иднината. Затоа што денеска светот својот развој го гледа само во дата-центрите, вештачката интелигенција и нема да дозволам, прво како инженер, второ како професор, мојата земја и моите граѓани да бидат на опашката, наместо да имаат можност да бидат на челото на поворката која ќе промовира ваков тип на индустрија“, потенцира Мицкоски.
Тој појасни дека секоја можност што ќе се отвори за развој на ваков вид индустрија мора веднаш да се искористи. Според неговите зборови, институциите во моментов активно работат на реализација на неколку конкретни инвестиции од оваа област.
Осврнувајќи се на критиките и реакциите од опозицијата, Мицкоски порача дека опозициските партии немаат легитимитет да се повикуваат на волјата на народот. Тој додаде дека токму претходната власт вршела распродажба на државните ресурси и дека граѓаните одбиваат да се поистоветуваат со таквите политички субјекти.
