Владата нема да прифати уставни измени доколку не добие јасни гаранции за текот и исходот на евроинтегративниот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека прашањата поврзани со идентитетот не смеат да се отвораат без предвидливост и јасен резултат, посочувајќи дека Владата нема да прифати услови „по секоја цена“.
– Ние ќе се бориме, ова се историски процеси. Кај нашиот источен сосед политичарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години. Така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура – рече Мицкоски.
Премиерот упати критика кон претходната влада за прифаќањето на условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот, оценувајќи дека надворешната политика била водена без доволно заштита на државните позиции.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со исполнување на обврските од Реформската агенда, вклучително и акцискиот план за малцинствата, со амбиција земјата да биде лидер во регионот.
Мицкоски предупреди дека доколку Брисел инсистира само на уставни измени, без да ги земе предвид резултатите во другите области, Владата нема да биде подготвена за таков процес без дополнително дефинирање на условите.
– Клучот за овој процес е кај најголемата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Секој што мисли дека ќе најде марионети кои слепо ќе исполнуваат туѓи барања, тешко се лаже – порача премиерот.
