Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето на Радио Лидер, ги отфрли како невистинити тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ има договор со незадоволни членови на СДСМ или дека партијата го поттикнува внатрепартиското незадоволство во опозициската партија.

Николоски оцени дека во СДСМ се прават обиди преку политички пораки и, како што ги нарече, „византиски игри“ да се создаде впечаток за раздор во ВМРО-ДПМНЕ.

„Во СДСМ е собрано едно друштво кое мисли дека се големи стратези, многу умни политичари и дека може да прават спинови на македонската политичка сцена. Не дека во политика нема такви работи, но тие работи ги прават доста искусни и интелигентни луѓе. За жал на СДСМ, такви луѓе таму нема“, рече Николоски.

Тој посочи дека, според него, во јавноста се пласираат неколку тези со кои се обидува да се создаде погрешна слика за односите меѓу двете партии.

„Првата теза дека ние имаме некаков договор со тие што се незадоволни во СДСМ, што е апсолутна лага. Втората теза што се обидуваат да ја протнат е дека ВМРО-ДПМНЕ го стимулира тоа, што е исто така апсолутно неточно“, изјави вицепремиерот.

Николоски во гостувањето се осврна и на начинот на кој, според него, СДСМ ги комуницира критиките кон власта и кон неговата работа.

„Па селективно пуштаат соопштенија. Ја критикуваат мојата работа, па не ме пишуваат мене во соопштенија“, рече тој.

Според Николоски, зад ваквите активности стои група која се обидува да наметне политички сценарија со цел да предизвика недоверба во ВМРО-ДПМНЕ.

„Собрана е таму една екипа ПР стратези што мислат дека можат да наметнат византиски игри во македонската политичка сцена и особено во ВМРО-ДПМНЕ и тоа им е последната сламка за спас, мислејќи дека ќе направат раздор во ВМРО-ДПМНЕ и недоверба“, оцени Николоски.

Тој категорично ги отфрли таквите сценарија, нагласувајќи дека според него ВМРО-ДПМНЕ во моментов е обединето.

„ВМРО-ДПМНЕ е како никогаш обединето, најсилно и најцврсто“, рече Николоски.

Вицепремиерот се осврна и на периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, потсетувајќи на политичките случувања од тој период и обидите, како што тврди, за создавање внатрепартиски поделби.

„Тие не успеаја тоа да го направат кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, кога го имаа Специјалното јавно обвинителство, кое обвинуваше не по закон, туку по политичка наредба, кога ја имаа цела моќ во свои раце“, рече Николоски.

Тој во тој контекст ја спомена и Радмила Шекеринска, тврдејќи дека во тој период се правеле планови за, како што рече, „затворање на ВМРО-ДПМНЕ со судска одлука“.

Николоски посочи и на обидите преку поранешни структури од партијата да се влијае врз внатрешните односи во ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога се обидуваа со поранешни структури од партијата, блиски на Сашо Мијалков и таа екипа околу него, да прават проблеми во ВМРО-ДПМНЕ, тогаш не успеаја да го направат тоа. Сега, на ваква позиција на ВМРО-ДПМНЕ, смешно е и да се обидуваат“, изјави Николоски.

Тој заклучи дека актуелните обиди за создавање поделби, според неговата оценка, немаат потенцијал да влијаат врз единството на ВМРО-ДПМНЕ.