Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, говореше и за реформските процеси, посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, економската состојба во земјата и политиките на претходните влади.

Николоски оцени дека за време на владеењето на СДСМ немало доволно реформи, поради што, според него, овој дел од европскиот процес сега се занемарува во политичките критики кон актуелната власт.

„Во време на СДСМ реформи немаше и затоа го прескокнуваат тој дел. Тие во суштина велат: ние нема потреба да правиме реформи, нема потреба да има владеење на правото, нема потреба од борба против корупција, ќе седнеме на маса, ќе им потпишеме на сите тоа што сакаат и ќе си тераме и владееме како што сакаме“, рече Николоски.

Според него, таквиот пристап не носи почит ниту од страната со која се преговара.

„Тоа се политики кои не ги поштуваат дури и оние на кои им ги нудите. Почит од другата страна за политиката на СДСМ нема затоа што никој нема да те почитува ако ти се газиш сам себе, народот кој што го претставуваш и националното достоинство“, изјави вицепремиерот.

Николоски во разговорот направи паралела и со актуелната економска состојба, посочувајќи дека земјата, според неговата оценка, се соочува со сериозни светски кризи, но дека владата води политика со која последиците од кризите, како што рече, се чувствуваат помалку во Македонија.

„Во моментов имаме посериозни светски кризи и најголема е енергетска криза. Владата води паметна економска политика. Во Македонија скоро и да не се чувствува кризата, со контролирана инфлација, најниска во целиот регион и со највисок раст во регионот и трет највисок раст во Европа“, рече Николоски.

Говорејќи за периодот кога СДСМ беше на власт, тој ја критикуваше тогашната економска политика и високата инфлација.

„Инфлацијата беше галопирачка. Јас секогаш велам, 100 евра пред 2019, 2020, 2021, 2022 и после тоа не се исти“, посочи Николоски.

Тој рече дека актуелната влада можела да преземе поинакви економски политики, но оти избрала да ја контролира инфлацијата, оценувајќи дека грижата за граѓаните е дел од политиката за заштита на државните интереси.

„Ние можевме да одиме со 20 отсто инфлација, ама не одиме затоа што имаме грижа кон народот што нè бира. И ние можевме да речеме ќе се пишеме Бугари, ќе смениме устав, ќе прифатиме сè што сакаат и ќе тераме 20 отсто инфлација. Не го правиме тоа, се бориме за државата“, рече тој.

Според Николоски, борбата за државата не се однесува само на политичките и националните прашања, туку и на економските политики.

„Борбата за државата е и во економскиот дел, не само во политичкиот дел. Мора да се бориме за државата, но мора и да се споредуваме, не смееме да заборавиме кој е на другата страна и на што се спремни да направат“, изјави Николоски.

Во продолжение, тој се осврна и на историскиот период по независноста, потсетувајќи на промените што се случиле во времето на претходните влади.

Николоски рече дека во периодот по атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, тогашната влада, во која, според него, дел од денешните политички функционери биле министри или функционери, ја направила првата промена поврзана со името на државата.

„Тоа беше културно наречено време на спогодба со Грција, но беше промена на името од Република Македонија во Поранешна Југословенска Република Македонија и уследи два дена подоцна промена на знамето. Ова што го имаме денес е од 1995 година, не од прогласувањето на независноста“, рече Николоски.

Тој оцени дека политичките пораки на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на европските интеграции со години се разликуваат и дека, како што тврди, кон ВМРО-ДПМНЕ постојано се упатуваат обвинувања дека е против ЕУ и дека ја насочува државата кон изолација.

„Сите национални пораки и катастрофи и национални предавства се кога СДСМ ја води државата и нив секогаш матрицата им е иста: ВМРО е за Русија, ВМРО е против евроинтеграции, ВМРО е за изолација. Во суштина целосно е спротивно од тоа“, рече Николоски.

Во однос на реформите и европската агенда, Николоски нагласи дека актуелната влада, според него, треба истовремено да работи на реформите и да ги штити националните интереси.

Неговите изјави доаѓаат во период кога европската интеграција, реформите и односите со Бугарија остануваат меѓу клучните политички теми во земјата.