Основното јавно обвинителство соопшти дека не утврдило елементи на кривично дело во случајот со сомневањата за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и незаконско прибирање податоци.

По спроведената предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител донел резолуција со која оценил дека нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека во текот на постапката биле извршени детални информатичко-форензички анализи. Со наредба на Основниот кривичен суд била обезбедена компјутерска опрема, а биле анализирани и податоци од мобилни уреди.

Истражителите прибрале и известувања од лица запознаени со настанот.

„Не се утврдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во компјутерскиот систем, ниту се пронајдени докази за снимање и прибирање класифицирани податоци“, се наведува во соопштението на Обвинителството.