Бројот на нови случаи со КОВИД-19 во изминатиот период е зголемен. Вчера беа регистрирани нови 504 случаи од направени 1.385 тестови, но не се евидентирани починати лица. Според Комисијата за заразни болести, државата се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки.

На состанокот што Комисијата го одржа вчера, било разгледано и прашањето за достапноста на тестовите за Ковид-19, при што се препорачува двојно зголемување на капацитетите за тестирање на институциите кои се надлежни за тоа.

-Согласно методологијата за одредување на ризикот од Ковид-19 се зема предвид и процентот на хоспитализирани случаи, процентот на слободни болнички кревети, како и бројот на тешко болни и смртни случаи од Ковид-19. Утврдено е дека Северна Македонија се наоѓа во зелена зона со доволни капацитети за згрижување на пациентите со Ковид-19. Зголемувањето на бројот на нови случаи изнесува 79.9 отсто, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Надлежните апелираат до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и невентилирани простории, освен кога тоа е неопходно и во овие случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.

Во моментот, во земјава има 2.490 активни случаи. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 318.138, а бројот на оздравени пациенти е 306.309.

Во однос на состојбата со КОВИД-19 на Балканот, во Словенија нема референдум за Законот за заразни болести. Поточно, Националното собрание на Словенија го поддржа предлогот за забрана на референдумот за последните измени на Законот за заразни болести, со кои се создава правна рамка за ограничувања во случај на епидемија, откако Уставниот суд ги укина мерките на поранешната власт поради Ковид-19.

Предлогот го поднесоа пратениците од трите владејачки партии, но не го поддржаа сите пратеници од коалицијата, пренесе СТА. Предлогот беше поддржан со 45 гласа „за“ и ниту еден „против“, бидејќи некои пратеници од редовите на владејачките Социјалдемократи (СД) беа воздржани, како и пратениците на опозицијата. Забраната за референдумот е воведена врз основа на клаузула во Уставот во која се вели дека не може да се одржи законодавен референдум за закон со кој се отстранува неуставност.