Американскиот претседател повика на воздржаност и враќање на преговарачката маса

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема друга опција освен да го прифати евентуалниот договор што САД би го постигнале со Иран.

„Тој нема никаков избор“, изјави Трамп во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, за кој претходно информираа израелските медиуми. Според американскиот портал „Аксиос“, Трамп пред разговорот најавил дека ќе му порача на Нетанјаху да не одговара на иранските напади.

Иран го поврза мировниот договор со состојбата во Либан

Во меѓувреме, Иран соопшти дека секој долгорочен договор со Вашингтон ќе зависи од почитувањето на примирјето во Либан.

Техеран реагираше откако Израел изврши напади во предградијата на Бејрут, што беа први такви акции по американската иницијатива за примирје објавена минатата недела.

Како одговор, Иран лансираше ракети кон израелски цели.

Израелската армија соопшти дека ги детектирала проектилите и дека противвоздушната одбрана успешно ги пресретнала. Засега нема информации за материјална штета или жртви.

Доста е, време е за договор

Трамп оцени дека новите напади не придонесуваат за напредок во преговорите.

„Тоа сигурно нема да им помогне на преговорите. Она што ќе му го предложам на Иран е – ги истрелавте ракетите, доста е. Вратете се на преговарачката маса и склучете договор“, изјави тој за „Фокс њуз“.

Американскиот претседател истовремено изрази незадоволство и од израелските напади врз Бејрут.

„Не сум задоволен од тоа“, рече Трамп.

Според достапните информации, ова бил прв ирански напад врз Израел по стапувањето во сила на примирјето поддржано од САД на 8 април.