Издадени предупредувања за цунами во Јапонија и Индонезија

Бројот на жртви од разорниот земјотрес што го погоди јужниот дел на Филипините се искачи на најмалку 12, додека над 200 лица се повредени, соопштија локалните власти. Спасувачките екипи и натаму трагаат по луѓе под урнатините на оштетените објекти, а стравувањата се дека бројот на настрадани може дополнително да расте.

Потресот со магнитуда од 7,8 степени бил регистриран во близина на островот Минданао, на длабочина од 33 километри под морското дно. Земјотресот предизвикал значителна материјална штета во повеќе населени места и активирал предупредувања за цунами низ делови од Пацификот.

Цунами-бранови регистрирани во регионот

По силниот земјотрес, властите во Јапонија и Индонезија издадоа предупредувања за можност од цунами и наредија делумна евакуација на населението од крајбрежните области.

Во текот на денот беа регистрирани цунами-бранови високи до еден метар.

Индонезиските власти подоцна го укинаа предупредувањето за цунами, додека до јужниот брег на Јапонија пристигнале плимни бранови високи до 20 сантиметри.

Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека опасноста од поголеми плимни бранови во регионот во најголем дел е надмината.

Филипините се меѓу најсеизмички активните подрачја во светот

Филипините се наоѓаат во таканаречениот Пацифички Огнен Прстен, кој важи за сеизмички најактивен регион на планетата.

Поради својата географска положба, земјата често е погодена од силни земјотреси, од кои дел предизвикуваат човечки жртви и големи материјални штети.

Освен со земјотреси, Филипините секоја година се соочуваат и со околу дваесет тајфуни и тропски бури.