Досегашната истрага за бегството на обвинетата Ива Михаилова од Кочани во Бугарија покажа дека таа во критичниот период не е евидентирана ниту при влез или излез од државата на македонските гранични премини, ниту на камерите на безбедносните системи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот посочи дека првичните информации добиени од бугарската гранична полиција исто така потврдуваат оти нема официјална евиденција за нејзин влез или излез во текот на 2026 година.

Според Тошковски, ниту еден од контролните системи и камери со кои располагаат надлежните институции не го регистрирал нејзиното движење од саботата вечерта на 10 октомври 2026 година, кога била во угостителски објект во Кочани, сѐ до нејзиното медиумско појавување во Бугарија на 12 октомври.

„Досегашниот дел од истрагата потврди дека не само што ја нема во македонските евиденции за влез и излез во текот на 2026 година, туку првично и бугарската гранична полиција ни потврди дека нема евиденција за нејзин влез или излез во текот на оваа година. Ниту на една од камерите, ниту на еден од системите што ги имаме не е детектирана“, рече Тошковски.

Коментирајќи ги тврдењата во јавноста за можна инволвираност на полициски службеници во нејзиното преминување на границата, министерот нагласи дека достапните сознанија целосно ги отфрлаат таквите тези.

„Ова лице, заедно со другото лице, во тој критичен временски интервал не е регистрирано на ниту една од камерите. А камоли полициските службеници да ја поздравуваат, да ја величаат и да зборуваат колку е значајна за светот, како што се обидува да се наметне со пропагандата што, за жал, се шири“, изјави Тошковски.

Тошковски нагласи дека главното прашање е фактот што Михаилова ја напуштила државата по илегален пат, избегнувајќи ги регуларните гранични пунктови.

Во однос на прашањето за можна одговорност кај припадниците на граничната полиција и полициската станица во Кочани, министерот подвлече дека досегашните проверки не покажале ниту еден елемент на професионална вина.

Тој образложи дека Михаилова редовно ги исполнувала наложените мерки за пријавување според судските одлуки сѐ до моментот кога преку див премин заминала од земјата.

Министерот исто така упати критика дека соседна Бугарија презема улога на заштитник за лица кои се соочуваат со кривичен прогон и судски постапки.

Инаку, против Ива Михаилова во Основниот суд во Кочани се води судски процес за тешка сообраќајна несреќа што заврши со смртни последици.