-Има уште некои технички детали, на кои работи работната група, во која членуваат претставници од МОН и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 проценти од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој најави дека со пристигнувањето на големата количина вакцини викендов, се планира имунизација и на сите наставници.
Филипче вели дека одлуката на Бирото за развој на образованието да не се делат сега свидетелства на учениците оти нема услови, не е донесена во координација со Министерството.
Во однос на индискиот сој на вирусот, можно е тој да ја смени епидемиолошката слика, но според здравствените власти, вакцинираните, коишто евентуално би заболеле од него, нема да имаат тежок облик на болеста. Состојбата на двајцата пациенти заболени од индискиот сој на вирусот е добра.
Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека од направени 2.466 тестирања, регистрирани се пет нови случаи на Ковид-19. Регистрирани се осум оздравени пациенти и едно починато лице во болнички услови. Бројот на активни случаи изнесува 251.
Според епидемиолошки анализи, во Скопје има вкупно 92 активни случаи, Куманово – 34, Тетово – 24, Прилеп – 22, Охрид и Кичево по 16… Без активни случаи се Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Валандово, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран.
Досега во земјата се направени вкупно 861.692 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.645, бројката на оздравени пациенти е 149.916, на починати е 5.478.
Од Министерството за здравство информираат дека досега во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани. Со последните бројки, како што велат, 51 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Според здравствените власти, за да се постигне колективен имунитет потребно е да се вакцинирани 60 до 70 проценти од населението. Во пресметката не се внесуваат оние 150 илјади граѓани кои го прележале вирусот оти не се знае дали некои од тие се вакцинирани, ниту пак колкав е точно нивниот број.