Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември исто така немало примени пациенти, ниту пак на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени осум оздравени пациенти.
Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ, како што посочуваат од Министерството, се лекуваат осум пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 18 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 32 пациенти.
Вкупно 58 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 87 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, наведуваат од Министерството.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани осум пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани девет пациенти. На инфективното одделение во Тетово има шест пациенти, во Велес се лекуваат осум болни, а во Куманово 21 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 11 пациенти, во Прилеп шест, во ковид центарот во Гостивар три, а во Струга тројца болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се шест пациенти, во Кичево двајца и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, посочуваат од МЗ.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 141 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
– Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, се вели во соопштението.