Судот го слушна барањето за најстрога казна – обвинителките без милост за монструозното дело

На вториот ден од завршните зборови во судскиот процес за свирепите киднапирања и убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, обвинителките јавно побараа доживотна затворска казна за Љупчо Палевски – Палчо, кого Обвинителството го смета за организатор и директен извршител на двојното убиство. Обвинението тврди дека Панче бил грабнат и убиен на 22 ноември 2023 година, додека Вања пет дена подоцна, на 27 ноември.

Судот не го прифати дополнителното барање на Палевски

Иста казна беше побарана и за Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, како и за Влатко Кешишев од Штип – тројцата соучесници за кои обвинителките посочија дека биле дел од синџирот на грабнување и соучесништво во свирепото лишување од живот.

Обвинителството ја посочи и улогата на таткото на Вања

Посебно внимание доби и случајот со Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, кој според обвинението, му дојавил на Палевски кога неговата ќерка ќе биде сама, без придружба, на пат до училиште. Обвинителката Ана Стојковиќ-Димитриевска рече:

  • „Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”.

Во однос на Велибор Манев, обвинителките оценија дека со својата одбрана се обидувал да си олесни со вината, тврдејќи дека делувал по наредба на Палевски и дека по грешка, во мракот, ја врзал Вања мислејќи дека се работи за возрасна жена.

За Боре Видевски, обвинителството истакна дека дал прецизен опис на грабнувањето и убиствата за време на распитот, а потоа на суд се обидел да ја негира улогата, тврдејќи дека бил тепан во полиција за да признае:

  • „Само присутен човек или учесник, може да раскаже настан со толкава прецизност“, рече обвинителката.

„Го испратив на училиште, по една недела ја дочекав во мртовечки сандак“

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, преку својата адвокатка се приклучи кон кривичниот прогон, вклучително и против нејзиниот поранешен сопруг Александар:

  • „Кога ќе слушневме за вакви брутални убиства на деца, на моите девојчиња им велев: Ова кај нас не се случува. Но, ми се случи мене. Го убија моето дете. Го испратив на училиште, по една недела ја дочекав во мртовечки сандак. Ова повеќе не смее да се повтори“, се наведува во писмото на Зорица, прочитано пред судот.

И ќерките на убиениот Панче Жежовски се приклучија на кривичниот прогон и побараа нематеријална отштета за душевна болка.

Обвинителките завршија со остра порака дека наместо веднаш да ја пријават убиствената намера, обвинетите верувале во ветувањата на Палевски дека ќе земат откуп, дури и по убиството на девојчето. Тие побараа судот да изрече најстрога пресуда – доживотен затвор за сите директни и посредни сторители на едно од најмонструозните злосторства во поновата историја на Македонија.

Извор: СДК