Иницијативите од Брисел и од неколку влијателни европски земји за организирање средби на високо ниво со Бугарија засега немаат добиено конкретен одговор од Софија, изјави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите. Тој нагласи дека не е јасно дали бугарската Влада воопшто е подготвена да учествува на ваквите разговори, додека македонската страна ќе ја одреди локацијата и форматот според тоа дали прашањето ќе се третира како билатерално или како европско.
НЕМА ПАРТНЕР ЗА ТАНГО
– Нема партнер за танго. Имаше иницијатива и од Брисел и од други влијателни земји за состаноци на високо ниво, да се седне да се разговара. До овој момент, нема информација дали бугарската Влада е подготвена и дали сака да присуствува на тие состаноци, истакна премиерот Мицкоски.
Говорејќи за можните локации за средбите, тој објасни дека тоа зависи од карактерот на прашањето.
– Ако ова веќе не е билатерално прашање, тогаш е логично да разговараме во Брисел. Бугарската Влада вели дека ние можеме сами да си го решиме. Тогаш, тоа е билатерално прашање. Значи, тоа е веќе билатерализација. Нека расчистат самите со себе, рече Мицкоски.
Премиерот повтори дека македонските барања за гаранции од Европската унија се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, кога отстапките довеле до нови условувања. Тој додаде дека, и покрај изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дадена од Софија дека е логично Македонија да добие гаранции, засега „нема никакво поместување“ кај европските партнери.
– Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3, 6 или за 9 месеци ќе имаме нов услов. Едно е политика, а друго е национален интерес. Прашањето е дали ќе продолжиме по овој пат да бидеме наивни дека ако правиме отстапки, тоа е начинот. Јас не мислам дека тој пат е добар. Овој пат по кој оди оваа Влада е тежок, но не е срамен, оцени Мицкоски.
Во однос на документот со таканаречени црвени линии презентиран од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, премиерот порача дека опозицискиот лидер како искусен политичар „досега требало да знае дека не треба да чека одговор за црвените линии“.
