Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во овој момент нема потреба од предвремени парламентарни избори и дека владината коалиција функционира стабилно. Тој нагласи дека главниот фокус на Владата остануваат реформите и испораката кон граѓаните.
Мицкоски рече дека по апсолутниот триумф на локалните избори, на ВМРО-ДПМНЕ партиски би ѝ одговарало ново соочување со гласачите, но дека одговорноста е на прво место.
– За да се распушти Парламентот формално се потребни 61 пратеник, а во моментот не гледам потреба за одржување предвремени парламентарни избори. Од она што го разговарам со меѓународната заедница, но и со граѓаните, тие од оваа Влада очекуваат реформи и тоа е нашиот главен фокус и приоритет, реформи и испорака – рече Мицкоски.
Тој додаде дека како најголема партија треба да се однесуваат одговорно.
– Приоритетот е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните – рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани ќе биде разрешен бидејќи најавил формирање сопствена политичка партија, Мицкоски рече дека не е информиран за тоа.
Во однос на изборот на нов државен јавен обвинител, премиерот информираше дека сè уште нема конечна одлука и дека јавноста навремено ќе биде известена.
